Четвртоодделенецот Бобан Јаневски од  ООУ „Владо Тасевски“, веќе може да се пофали со бројни пехари, медали, дипломи и пофалници од спортските натпревари во триатлон. Оваа спортска дисциплина, која станува се попопуларна и кај нас,  претставува комбинација од трчање, пливање и  возење на велосипед. Освен што му претставува хоби на  карпошанецот Бобан, успесите кои ги постигна основецот гарантираат и професионална спортска кариера во оваа дисциплина.

Под  водство на професионалниот тренер Данчо Георгиевски, триатлонецот Бобан, два пати се искачи на победничкиот пиедестал, на Отвореното првенство на Град Скопје, освојувајќи второ и трето место, во категорија од 8 до 12 години. Еден од позначајните успеси , Бобан го постигна на Државното првенство, минатата година, кое се одржа во Стење, на бреговите на Преспанското езеро, освојувајќи го првото место, со што стана триатлонски шампион  во Македонија во неговата категорија.

Освоените втори места на меѓународните турнири во Белград, Србија и Пловдив, Бугарија, каде што Бобан ги освои сребрените медали, беа увертира за постигнувањето на најголемиот успех, односно шампионското место на натпреварот во Тулчеа, Романија. Наскоро, на 15 и 16 септември, Бобан го очекуваат нови предизвици на Балканското првенство во Триатлон, кое ќе се одржи во Охрид. Досегашните успеси, професионализмот, спортскиот дух и дисциплината, ветуваат дека Бобан во иднина ќе стане професионален триатлонски репрезентативец на Македонија.