Поради високото ниво на загаденост на воздухот во Општина Карпош повеќе дена наназад, градоначалникот  на Општина Карпош Стефан Богоев денеска одржа конференција за печат на која ги образложи сите ургентни мерки кои во моментот ги презема Општината за намалување на степенот на загаденост. Тој за медиумите ја даде следната изјава:

– Општина Карпош презема интервентни мерки за справување со загадувањето.  За таа цел, најавувавме започнување на процедура за итна набавка на прочистувачи за воздух за сите градинки и училишта на територија на Општина Карпош.
Дополнително, итно ги запираме градежните активности кои    произлегуваат од работењето на Општина Карпош, а се однесуваат на тековно одржување на улицитие, тротоарите и слични градежни зафати кои ги реализира Општина Карпош.
Во контекст на ова, бараме сите приватни изведувачи и   инвеститори да го следат примерот на Општина Карпош и да запрат со градежни активности во моментите кога загадувањето е на највисоко ниво.
Најавуваме дека ќе продолжат редовните контроли и инспекции на градилиштата, со цел да се спречи узурпирање на јавните површини и предизвикување на дополнителна нечистотија и загадување.
Ги повикуваме сите инвеститори, фирми, претпријатија на општествена одговорност, да донираат прочистувачи на воздух или заштитни маски за граѓаните, или да донираат финансиски средства на наменската сметка на Општината која е објавена на веб страницата и на Facebook страната на Општина Карпош.
На овој начин, и компаниите ќе покажат дека се општествено одговорни и ќе им помогнат на граѓаните и на Општината да можат да набават повеќе прочистувачи на воздух и да набават повеќе заштитни маски за граѓаните.
Дополнително на ова, продолжува да биде активна и понатаму телефонската линија за пријавување на загадувач, која е отворена на 24-ти ноември и на која граѓаните ги повикувам активно да пријавуваат загадувачи кои палат оган на отворено.
Најавувам дека следната недела ќе биде свикана вонредна седница на Советот на Општина Карпош, на која јас како градоначалник ќе предложам донесување на одлука за субвенционирање на заштитни маски за целни групи за граѓани на Општина Карпош.
Воедно, сакам да ја известам јавноста дека заедно со Градот Скопје, заедно со Министерството за животна средина и просторно планирање и заедно со Државниот инспекторат за животна средина продолжуваме заеднички и координирано да бараме трајни решенија за решавање на проблемот со загадувањето на територија на Општина Карпош и Градот Скопје, изјави во денешното обраќање градоначалникот на Карпош Богоев.