Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, во однос на последните реакции на граѓани од Општината,  за  појавување на чад и миризба, во населените места  Нерези, Тафталиџе 2,  Влае и Карпош 4,  истакна дека според информациите со кои располага, станува збор за  чад кој доаѓа од атарот на Општина Сарај и околината.  

 

-За  овој проблем разговарав со службите од Град Скопје, и  пријавивме во градскиот инспекторат, да излезат на терен и да направат увид на состојбата, и секако доколку има  причина, да се преземат соодветни мерки и  санкции. Упатувам апел до граѓаните од оваа Општина, кои се земјоделци, да не ги палат т.н стрништа, за да ги подготват своите ниви за сеидба, да не го прават, тоа бидејќи Градот Скопје, има обезбедено служби кои бесплатно ќе ги исчистат стрништата. На тој начин, сите ќе придонесеме за заштита и чување на животната средина, истакна Богоев.

 

 

Првиот човек на Карпош, нагласи дека се засилени инспекциските контроли, и во соработка со ПС Карпош, се интензивирани полициските патроли, долж кејот на реката  Вардар ( во близина на мостот „Газела“) и во населбата Злокуќани, односно на тие  локациски точки, кои и  во минатото беа  „извор“ на загадување, т.е каде што имаше  палење на отпад, шут и гуми. Градоначалникот Богоев, потенцираше дека заштитата на животната средина и околина и во иднина ќе биде еден од главните приоритети на локалната самоуправа, во текот на целата година, а не само во критичните зимски месеци, кога загадувањето е најголемо на територијата на Градот Скопје, и низ целата земја.

 Од  денеска, 03.09.2019 година, од 15:30 до 23:30 часот, ќе патролираат редовни инспекциски контроли од Општина Карпош, и доколку имате проблем со чад од палење и  миризба предизвикана од истото, можете да пријавите на официјалниот телефон на општинските инспекциски служби 078-257-640 до 23:30 часот.  Доколку  сакате да пријавите после 23:30 часот, тоа сторете го на 193 во против Пожарна на Град Скопје.