Во тек е реконструкцијата на главниот конак на манастирскиот комплекс Свети Пантелејмон, во Горно Нерези, во општина Карпош. Веќе се завршени голем дел од изведбените активности во врска со подот, санитаријата и внатрешното уредување. Освен тоа, веќе се работи и на замена на прозорците, целосна обнова на тоалетите, а се поставува и нова електрична инсталација.

Денеска, во теренски увид на градежните активности беше градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски и министерката за култура, Ирена Стефоска.

  • Ова место е препознатлив белег на Карпош, на градот Скопје и одржувањето на неговата автентичност и уникатност мора да биде приоритет. Со реставраторските и конзерваторските работи на конакот, конечно овој објект ќе се врати во функција и трајно ќе се заштити, истакна Богоев.

Реконструкцијата на конакот е финансирана од Бирото за регионален развој при Министерството за локална самоуправа и е во вредност од 6 милиони денари.

Министерот Милевски посочи дека и во претстојниот период ќе продолжи поддршката на единиците на локалната самоуправа и тоа во повеќе области. Во врска со оваа реконструкција, идејата е овој комплекс да се реновира согласно насоките од МПЦ и да стане уште едно монашко светилиште со кое ќе може да се претставиме пред  туристите кои ја посетуваат државата.

Црквата Свети Пантелејмон е дел од нашето културно наследство кое постојано треба да се чува и афирмира. Реконструкцијата на овој конак е во насока на зачувување на овие значајни градби  за нашата земја.

Министерката Стефоска истакна дека една од целите на министерството е заштита на целокупното културното наследство во Македонија. Токму таквата заштита е поставена високо на агендата на оваа институција.

На денешниот настан присуствуваa и заменикот на Претседателот на Владата за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, поглаварот на Македонската православна црква, Господин Господин Стефан, директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Дарио Сотировски.