Денеска во Општина Карпош се одржа конструктивен состанок помеѓу градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

На состанокот присуствуваа и повеќе претставници од двете администрации, меѓу кои раководители на сектори со поврзани надлежности и ингеренции, со цел да се унапреди меѓусебната координација и соработка.
На средбата беа отворени повеќе прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на конкретни инфраструктурни, сообраќајни и комунални проекти, како и на прашања поврзани со надлежностите и одговорностите на двете институции.
Во рамки на разговорите беа разгледани можностите за реализација на повеќе заеднички проекти за кои обврска имаат и Град Скопје и Општина Карпош, меѓу кои:
✅ разгледување на можноста за воспоставување претоварна станица за комунален отпад, со цел унапредување на системот за собирање и транспорт на отпадот
✅ реконструкција на пристапниот пат до Бардовци и изградба на нов резервоар за вода;
✅ разгледување на можноста за отворање нова сообраќајна врска од Визбегово;
✅ реконструкција на улицата „Скупи“;
✅ изградба на монтажни паркинзи во Карпош 4, на потегот помеѓу мостот „Обединети нации“ и кејот;
✅ санација на свлечиштето кај црквата во Жданец, како и изградба на потпорни ѕидови и санација на други критични локации;
✅ изградба на нови улици во реоните Момин Поток и Криви Дол;
✅ изградба на нови мостови преку реката Серава;
✅ изработка и реализација на сообраќајно решение во Криви Дол, вклучително и изградба на мост и потребната сообраќајна инфраструктура;
✅ воведување зонско паркирање на локации каде што постојат важечки урбанистички планови и се исполнети потребните услови;
✅ замена на постоечките контејнери за комунален отпад и поставување дополнителни нови контејнери;
✅ обезбедување нови возила за собирање и транспорт на комунален отпад на територија на Општина Карпош.
Посебно беше истакната потребата од подобра координација при реализација на проектите каде што надлежностите на Општина Карпош и Град Скопје се преклопуваат или се непосредно поврзани, со цел постапките да се одвиваат побрзо и поефикасно.
За секој од проектите ќе биде потребно да се утврдат техничките услови, надлежностите на институциите, потребната проектна и урбанистичко-планска документација, можностите за финансирање, приоритетите и роковите за реализација.
 
Состанокот претставува важен чекор кон воспоставување брза, директна и ефикасна меѓуинституционална комуникација меѓу Општина Карпош и Град Скопје, со цел конкретно и навремено решавање на прашањата од значење за граѓаните.