Во изминатите два дена, поточно во петокот и саботата, од 20:00 до 24:00 часот, овластениот инспектор за животна средина при Општина Карпош заедно со Секторот инспекторат на Град Скопје беа во контрола на индустриската зона во Момин Поток, потегот околу Криви Дол и Злокуќани. 

Станува збор за редовна контрола и надзор, со цел да се утврди начинот на кој работат правните субјекти и да се превенира загадувањето на амбиенталниот воздух и животната средина. Инспекциските служби констатираа дека и во вечерните часови не работи фирмата која врши дејност топење и преработка на алуминиум – „Алуминиум“, а за која на дел од порталите излегоа информации дека е главен загадувач во Општина Карпош. 

Имено, како што известивме и претходно, оваа фирма од пред Нова година не работи. При оваа проверка, се изврши и контрола на другите правни лица кои работат во овој дел од Карпош, при што не беа забележани никакви нерегуларности и пропусти во нивното работење кои би претставувале закана за животната средина. 

Кога станува збор за индивидуалното домување, во Злокуќани се евидентирани повеќе домаќинства кои се греат на дрва. Препораката е да се искористат субвенциите кои ги нудат градските власти и да се префрлат на други, алтернативни начини на греење.

Инспекциските служби на нашата Општина заедно со партнерските институции (Градот Скопје и Државниот инспекторат за животна средина) ќе продолжат и во претстојниот период интензивно да го контролираат потегот околу Момин Поток, Криви Дол, Злокуќани, но и другите делови на Карпош.