Општина Карпош иницираше работна средба во врска со салата „Наум Наумовски –  Борче“ (Партизан), на која присутвуваа претставници од Владата на Република Македонија, Агенцијата за млади и спорт и Јавното претпријатие за стопанисување со спортските објекти.

Сите заинтересирани страни присутни на состанокот донесоа заклучок дека е потребно да се почне со  иницијативата за спас на салата „Партизан“ и враќање на стариот сјај на овој објект. 

Во изминатиов период, целата јавност е сведок на пропаѓањето на овој „култен“ спортски објект, кој во минатото претставуваше центар за различни спортски активности, простор во кој спортувале голем број на наши успешни спортисти, но се користел и за рекреативни цели.

Градоначалникот Стефан Богоев уште еднаш ја истакна јасната цел и определба на локалната самоуправа за обнова на објектот.

 

–     Обновата на Партизан треба да претставува добар пример и на национално ниво како запуштените спортски објекти ги враќаме во функција.

Постои волја од сите засегнати институции за конечно решавање на проблемот со оваа сала (која е дадена под концесија), но, истата секојдневно пропаѓа и се прекршени голем број на одредби од договорот за концесија.

Исто така, да нема дилеми, овој простор ќе остане со намена за спорт и рекреација. Нашата цел е навистина да биде во функција на спортот, но да биде достапна и за сите граѓани на Карпош, рече Богоев.

 

Владата на Република Македонија започнува процес на подобрување на инфраструктурата за спорт, кај голем дел од наменските локации и објекти ќе се дадат во владеење на општините или спортските федерации, посочија владините претставници.

Во оваа спортска сала во Карпош, во минатото се практикувале и голем број на помалку застапени спортови кај нас, како што егимнастиката, стрелаштвото, пинг – понгот и сл. 

Исто така, во претстојниот период, Општина Карпош ќе испрати и посебна информација до Владата на Република Македонија, за моменталната состојба во која се наоѓа објектот, целта на локалната самоуправа, проекциите за стопанисување со салата и други потребни детали.

 

На работната средба присуствуваше и претседателот на Совет на Општина Карпош, Андреј Манолев, советниците на премиерот при Владата на Република Македонија, Ѓорѓи Тасев (советник за спорт и млади) и Даниел Димоски (советник за спорт), Томислав Андоновски (раководител на Сектор спорт при Агенција за млади и спорт) и Шпенд Хајредин (директор на ЈП за стопанисување со спортски објекти).