Претставници од Секторот за екологија и енергетска ефикасност на Општина Карпош во рамки на проектот „The Excite project: The European Energy Award in Central and Eastern Europe“, учествуваа на еднодневна студиска посета на енергетски ефикасни објекти и дејности кои работат во полето на енергетската ефикасност во околината на Велес и Кочани. Минатата недела (15.03.2023), Хабитат Македонија ја организираше студиската посета на која присуствуваа и партнерите од конзорциумот на проектот, пилот општините и меѓународните консултанти за Европското енергетско признание (European Energy Award – ЕЕА).

Цел на оваа студиска посета беше запознавање на претставниците од енергетските тимови на пилот општините, со теоретски и практични знаења како и искуства поврзани со ЕЕА методологијата.

Во рамки на планираните активности беше реализирана посета на  фабриката за производство на електрични возила за одржување на хигиена во урбани средини, BRAKO во Велес. Во таа насока, претставниците од енергетските тимови  направија обиколка на централата на био-гориво во Сарамзалино и фото-напонската централа во селото Тркање, близу општина Кочани. На работната агенда се најде и посетата на пречистителната станица за отпадни води и производство на електрична енергија од биогас и фотоволтаици во општина Кочани.

Проектот „Excite – Стандарди за одличност, инвестирај во доверба – сервиси за енергетски менаџмент прилагодени на локалните власти во Источна Европа“, има за цел директно да ги подобри климатските акциски планови во 25 општини ширум Европа. Сето тоа е остварливо преку рационално искористување на енергијата и употреба на обновливи извори на енергија, применувајќи ја методологијата на Европското енергетско признание (ЕЕА – #EuropeanEnergyAward). Проектот е финансиран од Европската Комисија во рамки на програмата „Хоризонт 2020“, кој во нашата земја го спроведува Хабитат Македонија, низ општините Карпош, Кочани и Кичево.