Во рамки на вториот ден од Карпошовото културно лето, во Кинотеката на Македонија беше отворена Меѓународната изложба „Ликовни визии на имагинацијата“, во организација на Детскиот ликовен центар.

На изложбата се претставени дела од десет домашни академски ликовни уметници, како и од двајца уметници гости од соседна Србија. Изложбата ќе биде поставена во Кинотеката на Македонија до крајот на Карпошовото културно лето, а на 30 август, на завршувањето на манифестацијата, ќе биде претставена и во холот на Општина Карпош.

На отворањето на изложбата и културниот настан присуствуваа градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, и претседателот на Советот на Општина Карпош, Христо Саракинов, со што ја дадоа својата поддршка на уметниците, културните работници и развојот на културниот живот во општината.

Во рамки на културниот настан беше одржана и промоција на книгата „Емотивниот танц – страст на флуидност низ сценската поетика на Зоја“, од авторката Јоана Медерова-Шишкова.

Книгата претставува емотивна приказна за животниот и уметничкиот развој на балерината Зоја, која воедно е и мајка на авторката, низ приказна исполнета со љубов кон танцот, сценската уметност и животот.

Со ваквите културни содржини, Карпошовото културно лето продолжува да создава простор за промоција на уметноста, книжевноста и творештвото, нудејќи богата и разновидна програма за сите љубители на културата.