Во согласност со известувањата од Министерството за животна средина и просторно планирање за нарушениот квалитет на амбиентниот воздух, заради надминување на граничните вредности за партикуларните честички помали од 10 микрометри (ПМ10), во текот на пет последователни денови, а врз основа на Одлуката за алармантни состојби на квалитетот на воздухот на подрачјето на градот, се прогласуваат следните мерки од прв степен, за предупредувања и препораки:

 

-Се апелира до сите граѓани да го користат јавниот превоз,

-Се апелира до граѓаните  да не ги користат своите автомобили без поголема потреба,

-Се апелира до граѓаните, при користење на возило, во него да се возат повеќе лица истовремено,

-Се препорачува на граѓаните да не ги проветруваат просториите во кои престојуваат,

-Се повикуваат возачите на тешките товарни возила, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација за движење низ градот,

-Се повикуваат сопствениците и корисниците на камионите, да не ги користат доколку немаат регуларно испуштање на отпадните гасови,

-Се повикуваат граѓаните да користат суво и чисто дрво без примеси од земја и отпадоци,

-Се повикуваат граѓаните при затоплување на своите домови, да не користат недефинирани горива и отпадни материи  од различни технолошки процеси (отпадно масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, пластична амбалажа, гуми или синтетички материјали),

-Се препорачува печките на дрва да се користат и одржуваат според упатствата на производителот,

-Се препорачува редовно да се чистат оџаците,

-Се препорачува да не се користат уреди за затоплување на просториите и за готвење на фосилни горива, особено ако сопствениците и корисниците се свесни дека немаат обезбедено ефикасно одведување на димните гасови,

-Се предупредуваат граѓаните и правните лица да ги одложат сите активности со корозивни хемикалии, лепаци, бои, лакови, пестициди и слично со коишто се загадува воздухот вопросториите,

Се повикуваат раководителите на градилиштата пред пуштање на камионите надвор од градилиштето, задолжително да организираат миење на гумите заради одстранување на калта и прашината, а при превоз на материјалот од градежен ископ истиот да биде затворен со церада,

-Се апелира до стопанствениците своите технолошки процеси да ги вршат со крајна претпазливост и да одбегнуваат се што е нужно, а може да влијае на квалитетот на воздухот во градот, како и да соработуваат со зајакнатиот инспекциски надзор од Државниот инспекторат за животна средина и Инспекторатот на Град Скопје.

 

Општина Карпош продолжува во континуитет  со своите редовни активности во насока на намалување на загадувањето на воздухот и ги повикува граѓаните да се придржуваат до дадените мерки, со што ќе дадат личен придонес за подобар квалитет  на воздухот во Градот, што е заедничка потреба и цел кон која сите заедно треба да се стремиме.

Инспекциските служби на Општина Карпош вршат мониторинг на сите потенцијални загадувачи. Согласно законската регулатива на секое непочитување на истата, следуваат казнени мерки.