Во топла и инспиративна атмосфера во кафулето „Децата од нашата улица“, Дијана Дурлевиќ, „златното перо“ на Карпош објави нови две свои збирки поезија.

„Излеани чувства“ и „ Пристап до тишината“ се најновите поетски творби на младата, талентирана и исклучително плодна поетеса од Карпош која пред три години  беше избрана за најголем пишувачки талент во Општината меѓу соучениците од сите десет основни училишта од оваа локална самоуправа.

Оттогаш наваму, ѕвездениот пат на Дурлевиќ постојано оди во нагорна линија, собирајќи ги сите  ловорики на домашните поетски натпревари, но успешно пробивајќи се и на меѓународната литературна сцена.

Нејзината поезија, нејзината реч, според зборовите на еден од промоторите на најновите книги на Дијана Дурлевиќ, членот на Друштвото на писатели на Македонија, Горан Анчевски, не може да не те трогне и длабоко да те замисли, посочувајќи на огромната сериозност и виртуозност која ја поседува оваа 16-годишна поетеса.