Под мотото „Здрава храна за силна енергија“, во градинката „Мајски Цвет“ денеска беше одбележан Светскиот ден на храната. На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој ги поздрави дечињата од јавните детски установи на територијата на Општина Карпош, како и нивниот воспитно-образовен и технички кадар. Во своето обраќање, градоначалникот Лукровски истакна дека создавањето здрави навики кај децата од најрана возраст е важен предуслов за нивниот правилен раст и развој, но и за градењето здрави и одговорни личности во иднина. „Стекнувањето здрави навики од најмала возраст, освен што е важно за правилниот раст и развој на децата, значајно е и за создавањето култура на грижа за сопственото здравје.

Преку дисциплина и одговорен однос кон здравјето, децата уште од најрана возраст ги усвојуваат вредностите кои ќе им помогнат да израснат во здрави и одговорни личности – како кон себе, така и кон општеството“, нагласи градоначалникот Лукровски. Во рамки на одбележувањето, преку видео-презентација беа претставени дел од активностите што ги реализираат најмалите карпошани во градинките, преку кои на практичен и забавен начин учат за значењето на здравата исхрана и стекнувањето здрави животни навики.

Програмата беше збогатена и со музички и танцов перформанс на децата, кои со својата енергија и креативност придонесоа за посебна атмосфера на одбележувањето на овој значаен ден. Градоначалникот Лукровски на претставниците на четирите јавни детски установи на територијата на Општина Карпош им додели благодарници, како знак на признание за нивната посветеност и придонес во згрижувањето, негата, воспитувањето и образованието на најмладите жители на Карпош.

Општина Карпош останува посветена на создавање услови за здраво и квалитетно детство, поттикнување здрави животни навики и обезбедување средина во која секое дете може правилно да расте, да се развива и да ги гради своите потенцијали.