Во рамки на проектот на Министерството за култура, минатата недела во сите десет основни училишта на територија на Општина Карпош, се поделија околу две илјади книги со различна содржина и тематика. Оваа донација има за цел, да го зголеми книжевниот опус во училишните библиотеки. Основците од Карпош, на овој начин ќе имаат полесен пристап до книжевните класици, односно до  „Ѕвездите на светската книжевност”, кои се преведени на македонски јазик.

 
Учениците ќе се запознаат со популарните едиции од  областа на светската белетристика, вбројувајќи и голем број на есеи, патописи, мемоари, како и класици на филозофијата, епистоларната литература и естетиката. Објавувањето на овие преводи на дела од светската литература претставува континуитет во заложбите да се збогати македонскиот книжевен корпус и на тој начин, да се прошират сознанијата на младите генерации во духот со најдобрите традиции на светската и европската цивилизација.