По  повод одбележувањето на 75-годишнината од депортацијата на Евреите во логорите на смртта во текот на Втората Светска војна, денеска во училиштето „ Петар Поп  Арсов“, се одржа  предавање на оваа тема.

Пред  многубројни присутни, ученици, родители, директори на другите основни училишта од територијата на Општина Карпош, како и пред Горан Садикарио, директор на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, и Едвард Серота, директор на Институтот за еврејска историја „ Центропа“, со седиште во Виена, Австрија, беше промовиран документарниот филм „ Beautiful people“ ( Убави луѓе).

Во овој краток документарен приказ, се раскажува за луѓето, кои  храбро и несебично им помагале на своите сограѓани  Евреи да  се спасат и да ги избегнат ужасите на концентрационите логори на смртта. Како што е познато, од историските записи и факти, преку 7.000 Евреи од територијата на Македонија биле насилно депортирани и испратени во логорите  Аушвиц и  Треблинка, на територијата на Полска, која тогаш била под окупација на нацистичка Германија.

Присутните, со пиетет и должна почит, го следеа овој настан, кој меморијално не потсети  за ужасите, но и за храброста и пожртвуваноста на едни „ невидливи“ луѓе, кои, жртвувајќи го својот живот и животот на своите најблиски, се вклучиле во спасувањето на своите сограѓани- Евреи.

Ова училиште, петта година по ред, спроведува проекти во кои  се презентира културата и историјата на еврејската заедница во Република Македонија.