Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски аргументирано одговори на иницијативата на советничката група на СДСМ за свикување на вонредна седница  на Советот на Општина Карпош, по повод големите поплави кои на 6. август го зафатија скопскиот регион.

 

Првиот човек на Општината ги информираше советниците за активностите поврзани со  водената стихија, кои тој ги презема во својство на градоначалник, но исто така информираше за  активностите на тимовите составени  од вработените во општинска администрација од Карпош. Соочени со вистината, советниците од опозицијата не сакаа да ги слушнат фактите и демонстративно го напуштија обраќањето на првиот човек на Карпош.

 

Јакимовски образложи дека уште од првиот ден, единицата за заштита и спасување која функционира во рамки на Општина Карпош и е единствена од ваков тип во Македонија, пожртвувано работеше на теренот, како во локалната самоуправа, така и во критичните подрачја зафатени од поплавите. Освен со човечки ресурси, на теренот локалната самоуправа помогна и со сите технички средства кои и беа достапни на располагање. Во постапка се процесираат барањата од граѓаните, за евентуалните штети настанати од поплавите во Општина Карпош.  

 

Инаку, благодарение на 30 километарската атмосферска  и фекална инфраструктура која досега ја изгради локалната самоуправа, се избегнаа поголеми последици со кои се закануваше водената стихија. Општинскиот татко напомена дека на иницијатива на Општина Карпош, се собраа 40 хуманитарни пакети со храна, облека и хигиенски средства за загрозените семејства.

 

Дополнително, земајќи го фактот дека во Општина Карпош и во Република Македонија не е прогласена вонредна ситуација, ниту пак постојат реални услови со кои е загрозена безбедноста на граѓаните, мнозинството членови на Советот на Општина Карпош  не се согласија за оправданоста за причините за свикување на вонредна седница и одлучи ова прашање да го решава подетално на наредната редовна седница.