Под мотото „Партизан обединува“, општина Карпош денеска организираше настан на кој граѓаните ги разгледуваа Предлог – идејните проекти за обнова на оваа култна сала, се чистеше околниот простор, се оградуваше објектот за да се спречи дополнително уништување, се одвиваа маалски разговори, а во позадина одекнуваа познатите македонски евергрини.

Се чувствуваше радоста на карпошани, а солзите на архитектот на салата, Трајко Димитров дефинитивно се потврда за важноста на овој објект кој е во колективната меморија на граѓаните на Карпош, но и на сите скопјани.

На денешната маалска дружба присустваа повеќе граѓани, а пред присутните се обратија претставници од институциите, граѓанскиот сектор и архитектот на салата.

 

Градоначалникот Стефан Богоев истакна дека двата идејни проекти за ревитализација на салата ќе бидат објавени на општинската веб страна, а карпошани ќе гласаат за новиот лик на овој култен спортски објект. Тој го истакна задоволството што салата конечно е во владение на Општината, а се заблагодари и до сите страни кои беа дел од Иницијативата за спас на „Партизан“.

 

  • Трајно го заштитивме овој јавен простор. Тука нема да има нова зграда туку нова, спортско – рекреативна зона, спортски центар кој ќе поврзува различни генерации. „Партизан“ е во срцата на многу граѓани, а тука, младите ќе можат да создаваат нови спомени и моменти, рече Богоев.

 

„Партизан обединува“ не е само слоган. Тоа го потврдува и фактот што во овој процес беше вклучен и граѓанскиот сектор. Симона Димковска, претседателка на меѓународното здружение „Културно ехо“ се осврна на идејните проекти кои беа креирани од членови на ова здружение и истакна дека се создаде позитивен пример, како стар и напуштен објект може да се заштити и да се преземат активности за негова ревитализација и повторно враќање во функција на спортот и граѓаните.

 

За обнова на салата се предвидуваат средства од Агенцијата за млади и спорт. Првиот човек на АМС, Дарко Каевски истакна дека реконструкцијата на „Партизан“ е дел од буџетската програма на институцијата за претстојната 2020 година.

 

Посебни емоции кај присутните предизвика обраќањето на еден од најистакнатите македонски архитекти, Трајко Димитров, кој е идеен творец на салата. Почитуваниот Димитров изрази задоволство што идејните проекти го гарантираат автентичниот изглед на салата, но даваат и нова енергија на целиот простор.

 

Денеска граѓаните можеа да ги видат идејните проекти, а на почетокот на 2020 година ќе имаат можност и да гласаат, преку електронски пат, со што ќе се обезбеди и нивна вклученост во овој процес.

 

Општина Карпош продолжува да биде предводник на оваа постапка, за целосна ревитализација на салата, ветување што беше дел и од изборната програма на градоначалникот Богоев.