Пред   почетокот  на денешната седница на Советот на Општина Карпош, претставниците  од  УНДП  Мартин Николиќ и Биљана Настовска, одржаа презентација на тема: „ Зајакнување на општинските совети“. Основната цел на овој проект е  зајакнати и информирани општински совети што активно  ќе ги спроведуваат улогите на надзор и претставување, при што, општинските власти стануваат поодговорни и поделотворни во исполнувањето на потребите.

Овој проект е предвидено да се реализира преку три проектни компоненти и тоа:

-Зајакнување преку развивање на капацитетите на советниците врз основа на традиционални и иновативни методи

-Зајакнување преку финансиска поддршка (мали грантови) за приоритетни мерки на општините, избрани преку јавни консултации.

-Зајакнување преку вмрежување.

Подготвителната фаза на проектот се состоеше од сеопфатна анализа на тековната состојба во Советите на локалните самоуправи во Република Македонија, спроведување на интервјуа со претставници на централната и локалната власт  со повеќе од 170 советници, одржување на 30 консултативни настани и изготвување на подготвителен проектен документ, за фаза на имплементација.

Проектот е предвидено да се реализира во фазен период од четири години (2016-2020 година), и со него ќе бидат опфатени сите Совети на Единицата на локалните самоуправи. Трансверзални теми на обработка во овој проект  се родовите прашања, доброто управување, социјалната инклузија и меѓуетничката соработка. Институционални партнери на  проектот се Министерството за локална самоуправа и Министерството за финансии, додека,  истиот е финансиран од швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) – Швајцарска амбасада. Локалните самоуправи ќе можат да учествуваат со  аплицирање на проекти и проектни активности,  за кои би добиле грант во висина од 50.000 швајцарски франци.