Во тек се финалните подготовки за реконструкција на сите тоалети во основното училиште „Аврам Писевски“ во Бардовци, со што значително ќе се подобрат хигиенско – санитарните услови во оваа образовна установа.

 

Денеска, Општина Карпош и Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО), склучија Меморандум за соработка со  ООУ „Аврам Писевски“, во рамки на Проектот на УСАИД, за меѓуетничка интеграција на младите во образованието.

 

ООУ „Аврам Писевски“ со поддршка од Општина Карпош доби грант од 1.200.000 денари, а локалната самоуправа ќе учествува со 300 илјади денари.

 

Во финална фаза се административно – техничките процедури, при што во месец август ќе започнат активностите за реконструкција на тоалетите за сите ученици и наставниот кадар. Веројатно е активностите да траат и во текот на септември, со тоа што ќе се работи за време на викендите и по завршување на наставата.

 

Градоначалникот Стефан Богоев и директорката на ООУ „Аврам Писевски“, Матилда Бајкова, се заблагодарија на претставниците од Проектот на УСАИД, за поддршката која ја даваат на Општината, особено на училиште кое се наоѓа во руралниот дел на Карпош, кое се истакнува со својата проактивност и креативност како во наставниот дел, така и во вонучилиште активности.