Започна 17. издание на „Карпошовото културно лето“
- август 20, 2026
- 0
Општина Карпош официјално го започна 17. издание на традиционалната културна манифестација „Карпошово културно лето“, која и оваа година ќе понуди богата и разновидна културна програма за граѓаните. Првиот ден од манифестацијата беше посветен на уметноста и културното творештво. Во рамки на отворањето беше организирана изложба на постери и плакати од театарските претстави на великанот на македонската драматургија, Горан Стефановски. На настанот присуствуваше и неговиот син, а изложбата претставува достојна почит кон авторот чие богато творештво остави траен белег во македонската култура. Во текот на денот започна и патувачката изложба ReArt, поставена во Сити Мол, која преку современи уметнички изрази носи нова креативна енергија и ја доближува уметноста до пошироката јавност.
Со овие два значајни културни настани започна овогодишното издание на „Карпошовото културно лето“, кое и во наредниот период ќе понуди низа содржини од областа на културата и уметноста. Општина Карпош продолжува да ја негува и поддржува културата, создавајќи простор за промоција на уметноста и за збогатување на културниот живот на граѓаните.









