Преку целосна санација на тоалетите, дел од санитарната опрема и инсталации, започна етапната реконструкција на детската градинка „Мајски цвет“, во Тафталиџе 1. Станува збор за еден од најстарите објекти на градинки во Карпош, кој со децении не беше обновен.

 

По санацијата на тоалети, следува замена на сите прозорци и врати на објектот, со што ќе се зголеми енергетската ефикасност на градинката, а ќе се намалат и трошоците за загревање.

 

Потоа, ќе се премине кон целосна обнова на кровната површина, подот и фасадата.

 

Иако локалната самоуправа, извесен период е во потешка финансиска состојба, сепак се одлучивме на фазна реконструкција на оваа предучилишна установа, имајќи ги предвид лошите услови на објектот.

За време на овие активности, дечињата, ќе бидат сместени во другите објекти на „Мајски цвет“, иако моментално не посетуваат градинка, како резултат на пандемијата со Covid – 19.

 

Општина Карпош за реконструкцијата на „Мајски цвет“ одвои пет милиони денари од Буџетот за 2020 година. Овој проект беше дел и од изборната програма на градоначалникот Стефан Богоев, за локалните избори во 2017 година.

 

Детската заштита и унапредувањето на предучилишното образование се области во кои локалната самоуправа постојано инвестира. Како во подобрување на инфраструктурниот дел и овозможување на подобри услови, така и во равивање на програми за поинклузивно предучилишно образование и развој на когнитивните вештини кај најмладите.