Започна раззеленувањето на дворот на основното училиште „Петар Поп Арсов“ во населбата Карпош 4.

Делот од училишниот двор кој е долж улицата „Разловечко востание“ добива нова тревна површина и систем за наводнување. За ревитализација на овој простор Општина Карпош аплицираше и доби средства од 400.000 денари врз основа на Повикот за намалување на аерозагадување распишан од Владата на Република С. Македонија.

Предвидено е да се уредат околу 1.000 квадратни метри површина, а дополнително, локалната самоуправа на оваа површина, на пролет ќе засади и нови висококвалитетни дрвја и зеленило.

Хортикултурното уредување на училишниот двор, преку буџетскиот анкетен прашалник, во неколку наврати е посочено како потреба и од жителите на Карпош 4.

Општина Карпош продолжува да вложува во раззеленување на училишните дворови или искористување на просторот за нови спортски содржини. Оваа година, нов лик доби и дворот на ООУ „Лазо Трповски“. Во изминатиот период нови спортски игралишта се направија и во училипштата „Јан Амос Коменски“, „Војдан Чернодрински“ и „Братство“.