Денеска, започна десетиот Меморијален турнир во мал фудбал во чест на Тоше Проески. Во спортската сала „Форца“ ќе се  одиграат натпреварите меѓу екипите од Македонија, Хрватска и Албанија.

Главен покровител на турнирот е Општина Карпош, а организатор е Здружението на стопанственици Власи „Мандра“.

За прв пат, од оваа година, овој турнир во чест на нашата музичка легенда доби и меѓународен карактер. 

На отворањето на турнирот, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев говореше за значењето на оваа спортска манифестација.

–   Тоше беше и сеуште е нашата најголема музичка ѕвезда. Уметник кој беше пример за сите генерации. Личност која сите го сакаа, а неговата хуманост и солидарност секогаш беа во преден план.

Нашата обврска денеска е да го негуваме неговото дело. Преку ваков вид на спортски настани да се потсетиме на вредностите кои Тоше ги споделуваше, на ферплејот, спортскиот дух, позитивната енергија, рече Богоев.

На отворањето присуствуваше и градоначалникот на Општина Нова Градишка, Винко Гргиќ, како и претставници од оваа хрватска општина каде што Тоше трагично го загуби својот живот.

Сепак, овој турнир е добра потврда за унапредување на соработката меѓу Опшина Карпош и Нова Градишка. Токму ликот и делото на Тоше Проески и денеска придонесуваат да се прави мост на соработка меѓу различни култури и држави.

Натпреварите ќе се одиграат во текот на викендот и сите заинтересирани граѓани имаат можност да ги проследат.