Градот Скопје започна со изведба на нов мост, од улицата „Љубљанска“ во Карпош 4 кон клучката на Бардовци, улицата „Скупи“. Мостот е предвидено да има четири коловозни ленти, како и велосипедски и пешачки патеки од двете страни. Вкупната должина на мостот ќе биде 113 метри, а вредност на овој значаен инфраструктурен објект изнесува 382,5 милиони денари и се очекува да биде готов за 18 месеци.

Денеска, на увид на градежните активности беа градоначалниците на општина Карпош и градот Скопје, Стефан Богоев и Петре Шилегов, претседателот на Владата, Зоран Заев, како и претставници од „ТАВ МАКЕДОНИЈА“ (финансиери на проектот).

Во изјавата за медиумите, градоначалникот Стефан Богоев рече дека на овој начин се опстојува на определбата за поврзување на периферијата со урбаното јадро.

  • На овој начин, значително ќе се растовари овој дел од Карпош, кај „Сити мол“, а ќе обезбедиме и услови за подобар економски развој. Имено, овој мост значи и поврзување со индустриските зони во Момин Поток и Визбегово, каде што егзистираат повеќе деловни субјекти. Граѓаните од Карпош 3 и од Карпош 4 на полесен начин ќе можат да пристапат од другата страна на Вардар, а значително ќе се растовари од сообраќај и булеварот „Илинден“, рече Богоев.

Градоначалникот нагласи дека општина Карпош континуирано ја следи градежната офанзива на градот. Веќе заврши реконструкцијата на улицата „Мирка Гинова“ во Карпош 1, а во тек е и асфалтирањето на улицата „Париска“ во Тафталиџе.