Започна уредувањето на новиот зелен сквер, на аголот меѓу улицата „Никола Тесла“ и булеварот „Илинден“, во населбата Карпош 2. Имено, тука ќе бидат засадени нови листопадни и зимзелени дрвја, а јавниот простор ќе се облагороди и со реквизити за деца, клупи за седење, корпи за отпадоци, пристапни патеки, вело – паркинг, чешма за пиење вода и лед светилки.

 

На денешната прес – конференција градоначалникот Стефан Богоев истакна дека во овој дел од Карпош недостасувала ваква зона за рекреација на граѓаните.

 

  • Како Општина Карпош, во изминатиов период, во близина на ова место направивме и нов маалски центар во Карпош 1, на ул. „Иван Аговски”, како и кај Драмскиот театар, во Карпош 2 (со поддршка на Градот Скопје).

Скверовите, маалските центри имаат за цел да обезбедат рекреација за сите граѓани, повеќе зеленило во нивната населба и унапредување на маалскиот соживот, рече Богоев.

 

Овој зелен сквер го прави Град Скопје и е дел од проектот за редизејнирање на јавните зелени површини на четири локации во главниот град. Градоначалникот Петре Шилегов се осврна на фактот дека во донесувањето на одлуката за новите зелени површини биле вклучени и граѓаните и била направена aнкета.

 

  • Основата цел е уште повеќе да го облагородуваме јавниот простор, но и да го зголемуваме зеленилото во градот, меѓу булеварите, внатрешно во населбите, истакна Шилегов.

 

Исто така, Општина Карпош и Град Скопје работат и на големиот парк кој ќе се простира во продолжение на спортско – качувачката карпа до бунарите на р.Лепенец. Откако целосно се израмни теренот и се исчисти депонијата, сега се подготвува проектот за изведба на овој парк.

Изминатиов период, локалната самоуправа постави и седум нови системи за наводнување на тревните површини, а беше воведена и двосменска работа на комуналните служби, за наводнување на новозасадените дрвја.