Во салата на Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ во Скопје, вчеравечер, ООУ „Лазо Трповски“ од Општина Карпош, со своето партнер училиште ООУ „Лирија“ од Општина Чаир, на специфичен начин ја заокружија завршницата на проектот за меѓуетничка интеграција во образованието, со наслов „Против насилство – под исто небо“.

По повод одбележување на својата досегашна соработка, основците организираа модна ревија на традиционални облеки, заеднички изработија музичка позадина за настанот  и се претставија преку изложба на цртежи и рачни изработки. На манифестацијата беше прикажан краткиот филм „Под исто небо“ во режија на Јане Алтипармаков, и беа изложени фотографии од Наташа Гелева.  На овој начин низ аудио-визуелна техника беа илустрирани досегашните заеднички активности на учениците, кои  тие ги реализираа во рамки на проектот.

Вечерта, комисијата ги прогласи тројцата наградени ученици на литературниот конкурс кој беше распишан на национално ниво на мајчин јазик, кои напишаа творби на тема „Против насилство – под исто небо“. Првата награда ја освои Марија Антониева од ООУ „Вера Циривири Трена“ (Општина Карпош), второнаградена беше Деа Сулејмани од ООУ „Лирија“ (Општина Чаир), а карпошанецот Васил Наумовски од ООУ „Димо Хаџи Димов“ ја доби третата награда.

Како што велат координаторите на проектот – Татјана Бошковиќ и Соња Јовановска, манифестацијата има за цел да ја донесе пораката за успешна соработка меѓу сите учесници во проектот, за умешноста на соживотот и придонесот на секоја индивидуа во она што значи живеење под исто небо.

Проектот „Против насилство-под исто небо“, го реализираа  Младинскиот центар за еднакви можности и неформалната група граѓани поддржани од програмата Цивика мобилитас.