Најстарата детска предучилишна установа во Република Македонија наполни 7години од своето постоење. Градинката „Орце Николов“ вчера попладне ги пречека родителите и многубројните гости кои присуствуваа на роденденската прослава која беше проследена со пригодна приредба.

Со музички точки и песнички, децата од најголемата група се претставија во најдобро светло и заеднички, на сиот глас и го честитаа роденденот на градинката. Директорката Савка Ковачевска се потсети на минатото и раскажа мал дел од почетоците на оваа градинка.

-Секоја година подготвуваме активност по повод Денот на градинката, 6-ти февруари. Пред точно 72 години градинката почнала со работа, односно во далечната 1945 година, и таа е првата градинка која официјално добила дозвола за работа. Оваа градинка почнала со работа во една куќа во Општина Центар, а пак денеска функционираме во рамките на три објекти кои се распоредени во Карпош 3,  Карпош 4 и  Карпош 1 – рече Ковачевска.

Овогодинешното одбележување на роденденот имаше хуманитарен аспект. Креативните негувателки подготвија влезници за секој од родителите и за останатите гости кои беа купувани по симболична цена, сé со цел да се помогне на петчелено семејство кое е социјално загрозено.

– Станува збор за една хумана акција која ја правиме по повод нашиот роденден. Скромните средства кои ги добивме ќе ги донираме за едно другарче во големата група, со оглед на тоа што живее во социјалано загрозено семејство, кое има пет деца од кои две доаѓаат во нашата градинка – вели директорката.