Со целовечерен концерт на Тамара Тодевска заврши „Културно лето – Карпош 2021“. Вчеравечер, на платото на „Млечен“ се одржа третиот ден од оваа културна манифестација.

Програмата започна со детски дел, како и дел за млади. Имено, популарни детски маскоти ги анимираа децата, најмладата публика, а јутјуберот Стефан Лазаров продолжи да ги забавува тинејџерите.

Вечерта продолжи со диско хитови – перформанс на DJ Баже од Antenna 5. Сепак, публиката се „загреваше“ за настапот на Тамара Тодевска, која со својата енергија и позитивен дух ги воодушеви присутните.

„Врвот е дно“, „Шила“, „Порок“, „Гушни ме“, „Proud“, „Тажна љубов среќна песна“ беа дел од песните кои граѓаните ги пееја во еден здив со Тамара.

Оваа година, јавниот настан беше одржан по протоколите за организација на културни настани на отворено. Дел од просторот беше опколен со лента, општински редари проверуваа КОВИД сертификати, а волонтерите на Црвениот крст вршеа дезинфекција и ги информираа граѓаните за придржување до мерките.

Општина Карпош им се заблагодарува на сите граѓани, кои беа дел од тридневниот настан, се забавуваа одговорно и дадоа поддршка на македонските изведувачи.