Општина Карпош, во соработка со Црвениот крст на град Скопје, реализираше едукативни и практични обуки за прва помош, наменети за 100 воспитувачки и негувателки од детските установи на територијата на општината. Во текот на неколкудневната обука, стручни тимови на Црвениот крст, составени од координатор и доктор, преку теоретски предавања и практични вежби им овозможија на учесничките да ги надградат своите знаења и практични вештини за навремено и соодветно постапување во ситуации кога е потребна прва помош.  

Имајќи ја предвид нивната секојдневна одговорност и грижата за најмладите, стекнатите знаења и вештини се од особено значење за создавање побезбедна средина во детските установи.

На последниот ден од обуката, градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, им се заблагодари на воспитувачките и негувателките за нивната посветеност и одговорност, како и на стручните тимови на Црвениот крст за професионалниот пристап и споделеното знаење.  Општина Карпош продолжува да вложува во знаењето и подготвеноста на воспитно-згрижувачкиот кадар, со цел да се создадат побезбедни и посигурни услови за најмладите.