Во ООУ „Лазо Трповски“, вчера се отвори првата еко – интерактивна училница. По повод празнување на 50 години од основањето на ова училиште, патрониот ден се одбележа на еден поинаков, креативен начин. Имено, учениците заедно со наставниот кадар и со поддршка од Општина Карпош, создадоа училница од еко – материјали. Во надворешниот простор кој се наоѓа во рамки на училиштето, основците ќе можат да другаруваат, но и да присуствуваат на училишна настава. Просторот е соодветно прилагоден и за организирање на различни тематски настани  и работилници.

 

Кратка порака упати и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев кој им честиташе на учениците и наставниците за покажаната креативност, авангардност и енергија.

 

–                    Оваа еко – училница пулсира во духот на модерното, на новото време. Вие сте пример како може да се работи и надвор од наставната програма, продуктивно и корисно за целата заедница. Општината ќе продолжи со поддршка на овие проекти, рече Богоев.

 

На патрониот ден свој перформанс имаше и првата генерација на првачиња од ова училиште, кои се потсетија на нивната младост, детство и училишни денови. Меѓу присутните можеа да се забележат и повеќе јавни личности, како пејачот Дарио Панковски, актерката и пејачка Тања Кочовска, повеќе истакнати професори и спортисти. Дарио и Тања Кочовска се претставија со дел од нивните најпопуларни хитови, евергрини, со што дадоа посебна нота на целата атмосфера.

 

Во текот на денот се одржа и турнир во одбојка за девојчиња, каде учествуваа четири различни училишта, кои со фер плеј игра ни покажаа дека спортот традиционално се негува во ова училиште.