Во насока на зајакнување на јавната свест за заштита на природата, денеска, во основното училиште „Јан Амос Коменски“, Општина Карпош во соработка со колективниот постапувач „Нула Отпад“ организираше „еко маскенбал“ на којшто учениците од сите основни училишта во Карпош се претставија со маски изработени од електронски отпад, т.н. е – отпад.

На маскенбалот уште еднаш се покажа големата креативност на учениците,  но и развиената свест за „паметно“ користење на електронскиот отпад. Преку овие настани, учениците, всушност учат повеќе начини за алтернативно користење на отпадот, негова селекција и евентуална повторна обработка.

Во жири комисијата за избор на најдобрите пет маски која беше составена од  Александра П.Илиевска (претставничка од Нула Отпад), Јана Манева Чупоска, декан на Факултетот за арт и дизајн – ЕУРМ, учествуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кои заедно направија избор на најдобрите пет маски.

Со цел да се обезбеди непристрасност и еднакво вреднување на трудот на учениците, маските беа обележани со шифри, а најдобрите пет, учениците кои најдобро го искористиле електронскиот отпад како креативна идеја за маски беа соодветно наградени.

Првото место припадна на маската именувана како „Александар Македонски на иднината“, носена од ученик од ООУ „Владо Тасевски“, кој е воедно и добитник на мобилен телефон, обезбеден од  „Нула Отпад“;

Второто место и припадна на маската „Нутрибулет“, која ја претстави  ученичка од ООУ „Јан Амос Коменски“ и е добитник на паметен часовник, обезбеден од „Нула Отпад“.

Третото место го доби маската „Еко цвет“ на  ученичка од ООУ „Вера Циривири – Трена“, која воедно е и добитничка на слушалки, обезбедени од „Нула Отпад“;

Четвртото место го освои маската „Роботроникс“ од ученикот од ООУ „Петар Поп Арсов“,  кој ќе биде награден со таблет, обезбеден од Општина Карпош;

Петото место е за маската „Будилник“ на ученичка од ООУ „Аврам Писевски“ добитничка на вредносен ваучер од издавачката куќа „Просветно дело“.

Наградите на носителите на најдобрите маски им ги врачи Александра П. Илиевска од коелктивниот постапувач „Нула отпад“, а градоначалникот Богоев ги поздрави присутните ученици и им честиташе за нивната креативност и посветеност за изработка на маските. Тој ја истакна и потребата од заштита и грижа за животната средина.

Преку денешната едукативна априлијада, само се зацврстува соработката меѓу Општина Карпош и „Нула Отпад“.

 Во изминатиот период, беше поставена и еко зона на едно од најфреквентните места во Општината, Skopje City Mall, каде што сеуште граѓаните можат да ги фрлаат старите батерии, како и да се ослободат од старата електрична и електронска опрема од своите домаќинства.