Во пресрет на глобалниот настан „Час на планетата Земја“ (25.03.2017), денеска, во ООУ „Јан Амос Коменски“, претставници од Одделението за заштита на животната средина и природата од Општина Карпош во соработка со ЗГ „Центар за климатски промени“ организираа еко-работилница со учениците од ова училиште.

Во рамките на креативната работилница, основците од „Коменски“ изработуваа едукативни постери со еколошки пораки. Користејќи пластични капачиња и кеси, учениците составија колаж поврзан со темата „Да ја зачуваме планетата Земја“. Во таа насока, тие изградија и т.н. „Ветерен парк“ од комунален отпад (пластични шишиња, чаши, хартија, картон и камчиња), со цел на својата околина да им ја пренесат пораката за поголемо искористување на обновливите извори на енергија.