Учениците од десетте основни училишта во Општина Карпош, денеска, во ООУ „Јан Амос Коменски“ го промовираа проектот насловен „It is COOL to be STEM“ („Добро е да се биде во Науката, Технологијата, Инженерингот и Математиката“), со кој, на специфичен начин ќе се изучуваат природните науки.  Настанот опфаќа повеќе активности и ќе се спроведува во ова училиште, во периодот  од 23-ти до  27-ми април годинава.

Едукативниот настан се реализира во соработка со Креативниот центар Карпош, како дел од европските иницијативи за промовирање на STEM образование и е регистриран во STEM discovery week 2018,  во организација на STEM alliance. На овој начин, треба да се мотивираат основците од Карпош да ги изучуваат природните науки, кои евентуално би им помогнале при изборот на нивните идни професии.

 

Денеска, под наслов „Тајните на кристалите“, ќе се одржи работилница во која ученици од осмо и девето одделение ќе имаат можност да направат свои кристали и да ги истражуваат со помош на електронски микроскоп. Утре,  седмоодделенците, на забавен и интересен начин – преку драматизација за главните органи ќе ги подучуваат своите соученици од четвто одделение, за тајните на човековото тело.

 

В среда, младите карпошани ќе го посетат Природно– математичкиот факултет во Скопје, при што ќе ја набљудуваат минеролошката збирка на Институтот по хемија  и  ќе му поставуваат прашања на  професор д-р Петре Макрески. Веќе в четврток, третоодделенците ќе прават еколошко лепило од млеко, со кое ќе залепат одредени делови од сложувалка. Во петок ќе се одржи интересен час, насловен како „Хемијата на пиротехниката“.  На него, учениците ќе имаат можност да проследат пиротехнички спектакл и  самостојно да реализираат пиротехнички експерименти под менторство на проф. д-р Методија Најдоски.

 

Одговорен за реализацијата на активностите е  Александра Блажевска, наставник по хемија во ООУ „Јан Амос Коменски“, која воедно  е и претседател на Креативниот центар Карпош како и Scientix Амбасадор на Scientix -европската заедница, за унапредување на STEM  образованието во Европа.

 

Повеќе детали за глобалниот едукативно-образовен настан можете да добиете на следниот линк:

 

http://www.stemalliance.eu/stem-week-2018