Општина Карпош, во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со попреченост 03. декември, организираше панел дискусија на која се зборуваше за поддршката која локалната самоуправа ја дава на овие лица, унапредување на системот за нивна заштита, а се додели и еднократна финансиска поддршка на 133 лица со попреченост од Карпош.

Во рамки на дискусијата се зборуваше и за сензорните соби за ученици со попреченост кои се отвораат во училиштата, за персоналните образовни асистенти, потребата од дневен центар за лица со попреченост и други прашања од оваа област.

Андријана Тодоровска, дефектолог од ООУ „Вера Циривири Трена“ и „Лазо Трповски“ посочи дека се отворањето на сензорните соби се придонесува за рушење на бариерите меѓу сите ученици. Затоа што тоа се простории каде што сите деца другаруваат, а се олеснува и следењето на наставата за учениците со попреченост.

Градоначалникот Стефан Богоев се надоврза дека сензорни соби, за многу скоро ќе се отворат и во училиштата „Лазо Трповски“ и „Аврам Писевски“. Во училиштето во Бардовци, во моментот се работи и на посебен тоалет за ученици со попреченост.

 

Во дискусијата, свое обраќање имаше и Даниела Стојановска Џинговска, која е жител со попреченост од Карпош, а работи во Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Таа зборуваше за целосното вклучување на овие лица во заедницата, постави прашања и за нивниот ангажман во јавната администрација во Карпош, како и отворање на кафуле по принципот на „Umbrella“.

Богоев одговори дека лица со попреченост работат и во Општина Карпош и на директен начин придонесуваат во развивање на локалната самоуправа. Исто така, кафулето „Ревија“ минатата година објави оглас за вработување на лица со Даунов синдром и Општината го повикува приватниот сектор да ја следи оваа иницијатива.

Кога станува збор за отворање на дневен центар, Богоев напомена дека постои можност, по отворањето на новите простории за општинската администрација, една од постоечките бараките да се пренамени во дневен центар за лицата со попреченост, секако, за тоа ќе постои и консултација со засегнатите лица и други институции.

 

Градоначалникот Богоев во своето обраќање меѓудругото посочи:

 

  • Единствената попреченост во животот е лошиот став. Деновиве сме сведоци и на случувањата во Визбегово, каде што заедницата има проблем да прифати три дечиња, кои ќе бидат сместени во мал групен дом.

Затоа, повторно ќе нагласам, бариерите ги создаваме ние, луѓето.

И верувајте, вие немате никаква бариера. Бариерите се во системот, кој се трудиме постојано да го унапредуваме и прилагодуваме, но имаме уште многу работа. Општината ќе продолжи да биде ваш партнер и искрен поддржувач, рече Богоев.

 

Денешниот настан заврши со музички перформанс на млади таленти од Карпош, кои преку музика и знаковен јазик испратија порака за прифаќање на различностите и градење на инклузивна заедница.