ЕВЕРГРИН ВЕЧЕР СО „ ДАЦ И АЛЕКСАНДАР“
- август 25, 2026
- 0
Петтата вечер од Карошовото културно лето, помина во знакот на музичката изведба на добропознатото дуо „Дац и Александар“. На платото на „Млечен“, во прекрасен амбиент , голем број на карпошани се забавуваа, како со авторските хитови така и со преработка на познати музички песни , како „Љуби ме“, „Уште те барам“, „Чија си“, „Пушти Коси“, „Како Вардар ќе дотечам“, „Корона Чао“ „ Милена Генерацијо“ и многу, многу други песни. На оваа вечер, присуствуваше и првиот човек на Општината, Сотир Лукровски, кој истакна дека карпошовото културно лето е одлична можност за другарување и спој на различни генерации карпошани:
- Оваа традиционална културно – уметничка манифестација ја искористивме повторно да се сретнеме со соседите и пријателите, да се забавуваме и споделуваме позитивна енергија. Ви посакувам убава пријатна вечер, и ве поканувам да присуствувате , на сите преостанати вечери до крајот на карпошовото културно лето, кои ќе бидат исполнети со музика за сечиј вкус и сите генерации на карпошани, нагласи Лукровски.
Вибрантната атмосфера, добрата енергија и „проверената“ забава, беше надополнета со изненадувањето на вечерта – нашите музички звезди од деведесеттите години, сестрите „Маријана и Росана“.
Ова наше легендарно музичко дуо, кое освен што ги испеа нивните најголеми и најпознати хитови, и ги вратија карпошани во едни убави, не толку далечни времиња, на оваа сцена заедно со „домаќините“ Дац и Александар ја изведоа нивната заедничка песна „Засекогаш млади“.
Во рамки на 47-мото издание по ред, на Меѓународниот студентски фолклорен фестивал „Фестивал на солидарноста“, во организација на АКУД „Мирче Ацев-Скопје“, почитувачите на фолклорот, на денешниот ден од карпошовото културно лето можеа да уживаат во изведбата на интернационални фолклорни групи и ансамбли. На фестивалот, ќе учествуваат и домашни фолклорни групи, а танцовите формации доаѓаат од Мексико, Унгарија, Романија, Полска и Турција. Оваа година, истиот ќе трае од 23-27ми август , со три целовечерни концерти на отворено во Општина Карпош , како и семинари за фолклор –презентација на народни носии, инструменти и танци , како и практично изучување на традиционални ора и игри. На тој начин, карпошани, ќе може да уживаат и да се насладуваат во богатата и разновидна фолклорна културно-уметничка програма за време на карпошовото културно лето.
Од 20:00 часот, во училишниот двор во ООУ „Петар Поп Арсов“, беше прикажан филмот „Медена земја“, а заклучно со 27-ми овој месец, љубителите на добриот македонски филм, заедно со своите маалски соседи, роднини и пријатели, на истата локација, од истиот термин ќе може да ги проследат филмовите кои се на репертоарот во рамките на „отвореното кино“.









