На спортското игралиште кое се наоѓа во состав на ООУ „Лазо Трповски“, денеска градоначаликот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, им ги врачи решенијата за стипендии на талентираните ученици и спортисти од осмо и деветто одделение за учебната 2021/2022 година. Во рамки на оваа манифестација, првиот човек на општината додели вкупно 18 спортски и 48 стипендии за  талентирани ученици.

 

  • Од мое лично име и од името на локалната самоуправа и Советот, би сакал да ви честитам за постигнатиот успех и да ви пренесам дека се гордееме со вас. Целта е да ви покажеме дека само со труд и заложба можете да забележите успех во животот. Ваша задача е вредно да учите и да работите, а за останатото тука ќе биде секогаш Општина Карпош која ќе ве следи, наградува и мотивира да постигнете врвни резултати – истакна Јакимовски.

 

Според бодувањето во првата категорија во износ од 3.000 денари месечно, спортска стипендија добија 13 ученици, додека пак петорица основци ќе користат спортска стипендија во износ од 2.500 денари. Стипендијата се доделува за четири месеци во текот на учебната година. За користење на спортска стипендија, апликантите требаше да достават документи дека се жители на Карпош и да приложат доказ од Националните спортски федерации, за освоено прво или второ место на некој натпревар, дека ја претставувале националната репрезентација најмалку во еден натпревар, или дека индивидуално се прогласени за најдобар спортист.

 

Од вкупно доделените 48 стипендии за талентирани ученици, во првата категорија беа рангирани 32 основци кои ќе користат четиримесечна стипендија во износ од 3.000 денари, додека пак во втората категорија беа рангирани 16 ученици од Карпош, кои ќе добиваат четиримесечна стипендија во износ од 2.500 денари. Според условите на распишаниот јавен оглас за стипендирање на талентирани ученици, апликантите доставија и дипломи за освоено прво, второ или трето место од областа на науката, техниката, културата или уметноста, на некој општински, градски (регионален), државен или меѓународен натпревар.