На барање на директорките на градинките во Општина Карпош, градоначалникот Стевчо Јакимовски организираше работна средба. Директорките на градинките го запознаа градоначалникот со проблемите со кои се соочуваат овие установи посебно со притисокот од страна на добавувачите за пораст на цените на прехранбените и хигиенските производи кои се користат при секојдневното згрижување на децата. На ова се надоврзува и зголемените трошоци на електрична енергија и парно со што финансиската состојба со предучилишните установи ја прави неодржлива. Раководствата на овие установи се соочуваат со секојдневни најави за раскинување на договори за снабдување со храна и други материјали потребни за извршување на дејноста. Директорките истакнаа дека сето ова се одразува негативно на квалитетот на услугите во згрижувањето на децата, на функционирањето на техниката и опремата како и на тековното и инвестиционото одржување. Дополнителен проблем предизвикува тоа што министерството за финансии не дава одобренија за вработување на негувателки, воспитувачки и технички персонал кои треба да го заменат персоналот што заминал од градинките по разни основи. Заеднички став е дека или владата мора да ги зголеми блок дотациите или треба да се зголеми партиципацијата за згрижување на децата во градинките која изнесува 1490 денари за еден месец, а е непроменета од 2002 година.