Во посебно изградената просторија во училишниот двор на ООУ „Димо Хаџи Димов“, денеска, беше презентирана новата специјализирана машина за преработка на дрвена маса и производство на дрвен чипс. Се работи за заедничка акција помеѓу општина Карпош, УНДП и  Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

 

По тој повод, првиот човек на општина Карпош, Стевчо Јакимовски одржа прес конференција за медиумите и пред присутните претставници на Германската амбасада во Скопје и стручните лица од МАНУ, говореше за придобивките од овој енергетско-ефикасен  проект.

–                    Целта на овој проект е ООУ „Димо Хаџи Димов“ да го преориентираме, да се загрева на т.н дрвен чипс. Тоа значи дека целиот дрвен отпад кој ќе го соберат ЈП Паркови и зеленило на наша територија, ќе биде складиран во ова училиште, кој подоцна ќе го преработиме во енергенс за греење. Ова е заедничка акција, каде што општина Карпош ќе инвестира 2.600.000 денари, додека, едната организација го дава резервоарот за дрвен чипс, а другата ја обезбеди мелницата која ќе ја меле дрвната маса – истакна Јакимовски.

 

Тој објасни дека, за загревање на ова училиште досега беа потребни  80 кубици дрва, а новиот резервоар е со значително поголем капацитет од 140 кубици.

–                    Се работи за занемарливи трошоци во споредба со досегашните. Моменталната годишна сметка за греење на ова училиште изнесува околу 2.600.000 денари, а со новиот метод, планираме сметката да се сведе на само 90.000 денари. Тоа дополнително говори за евидентната заштеда на парични средства, кои потоа можат да се пренаменат за потребите на училиштето – образложи општинскиот татко.

 

На денешната средба, присуствуваше и првиот секретар на Германската амбасада во Скопје, Хелге Зандер, кој во оваа пригода ја нагласи добрата соработка со општина Карпош. Тој го оквалификува овој пилот-проект како одлична иницијатива и го посочи како одличен пример, кој треба да го следат останатите институции и јавни установи во Македонија.

 

Општина Карпош на овој начин продолжува со проектот 20/20/20, кој значи намалување на 20% на штетни гасови во атмосферата, користење на 20% на алтернативни извори на енергија и намалување на 20% на трошоците за енергија.   Аналогно на ова, се заштедуваат значителни финансиски средства, помалку се загадува животната средина и во исто време, поефикасно се загреваат училишните простории.