Во неизвесна завршница, со само два поени разлика (47:45), кошаркарите од ООУ „Димо Хаџи Димов“  ги совладаа  своите спортски ривали, учениците од ООУ „Војдан Чернодрински“ и на тој начин станаа нови шампиони во  рамки на училишната кошаркарска лига на општина Карпош.

Кошаркарското финале изобилуваше со бројни пресврти и промени на спортскиот семафор. Водството постојано преоѓаше од една екипа кон друга, а доминацијата под обрачите беше изедначена. На полувремето, двете екипи појдоа кон клупите со изедначен резултет од 25:25.

Второто полувреме исто така изобилуваше со одлични кошаркарски акции и жестока борба под обрачите. Но, на крај, сепак влаевчани ја задржаа својата спортска ладнокрвност и концентрација и така изборија уште една  вредна титула која ќе ги краси нивните училишни витрини. Во борба за бронзата, основците од „Јан Амос Коменски“ беа поубедливи од екипата од ООУ „Лазо Трповски“ и рутински славеа со резултат 57:42.

Општина Карпош обезбеди осуммесечни спортски стипендии, еднократна парична награда и наградно патување за тројцата најуспешни млади кошаркари, во рамки на училишната кошаркарска лига на Карпош. Давид Наумовски од ООУ „Војдан Чернодрински“ беше прогласен за најдобар стрелец, позицијата најталентиран играч на овогодинешната лига ја зазема Бранко Шуменковски од ООУ „Димо Хаџи Димов“, додека Лука Јованов од ООУ „Јан Амос Коменски“ се стекна со титулата најдобар играч.