Општина Карпош, во соработка со Републичкиот совет за безбедност и сообраќај на патиштата во Република Македонија, по трет пат е домаќин на регионалниот натпревар по сообраќај и безбедност на учениците од основните училиште од Град Скопје.

Овој викенд, се одржува 55-тото регионално натпреварување „Детски семафор“, овој пат  во ООУ „Војдан Чернодрински“, а присутни се над 50 екипи од ученици од основните училишта на територија на главниот град. Регионалното натпреварување по сообраќај и безбедност е поделено во два дела и тоа, теоретско оценување, на кое учениците имаат можност да го покажат своето знаење за сообраќајните знаци.

Вториот дел од натпреварувањата е практичен, кадешто децата имаат можност да го истакнат својот талент на велосипедскиот полигон и да го презентираат своето досегашно знаење преку практичните вежби. Наставникот по сообраќај од ООУ „Војдан Чернодрински“ и претставник од РСБСП, Лазо Смилески, упати благодарност до локалната самоуправа и првиот човек на Општината, Стевчо Јакимовски, што безрезервно се залага за безбедната иднина на децата во делот на сообраќајот.

                -Општина Карпош по трет пат е домаќин на овој натпревар,  и знаеме дека децата во сообраќајот се изложени на опасности, а тука тие ќе научат и ќе се запознаат со повеќе детали и факти при движење во сообраќајниот метеж. Сметам дека предметот сообраќај треба да биде што повеќе застапен, како во основните, така и во средните училишта, бидејќи на тој начин децата се информираат детално и учат точно како треба да се однесуваат кога се дел од сообраќајот – заврши Смилески.

Општина Карпош трета година, ќе биде домаќин и на Државното натпреварување по сообраќај и безбедност, кое ќе се одржи на 21-ви мај во истото училиште, а се очекува присуство на голем број ученици од целата Република.