Долгоочекуваната културна манифестација „Културно лето Карпош 2016“ и оваа година, по деветти пат, во истиот термин резервиран за карпошовите културни збиднувања.

Во организација на Општина Карпош, официјалното отворање кое се случи вечерва пред многубројната публика на платото пред ТЦ „Скопје Сити Мол“, е предвесник на она што ќе се случува во наредните 15-на дена. Многу енергија и емоции на сцената, презентираше поп дивата Елена Ристеска која ја имаше честа да го отвори овогодинешното Карпошово Културно Лето, а пред неа атмосферата ја загреа пејачката Бубе Најдановска со македонски и странски нумери. За вечерта да биде уште поинтересна и побогата, малите ѕвездички Мартија Станојковиќ и Антониа Гиговска, својот музички талент го презентираа пред своите обожаватели. Специјално изненадување на вечерта беше и поп пејачот Ристо Самарџиев, кој ја потсети публиката со своите хитови и воедно го промовираше својот нов видео запис за песната „Самовилата од нашето детство“ .

                        Оваа година познатиот бренд на Карпош освен што има културно-забавна димензија, има и хуманитарен карактер. Под мотото „Летно културно освежување и време за хуманост“, на поставените штандови, сите хумани граѓани имаа можност да донираат производи и парични средства, но и да се подноват со маичка со логото на овогодинешното издание на Карпошовото културно лето по симболична цена, а сета собрана донација ќе се достави до семејствата кои настрадаа во неодманешните поплави.

                        Летните августовски ноќи карпошани ќе имаат можност да ги уживаат во богата културна програма проследена со изложбата на скулптури со звуци од класичната музика на концертното трио Џентлмен.Креативен театарски перформанс, ќе одржат беспрекорните стендап комичари Маријан Георгиевски и Никола Тодоровски. За љубителите на пишаната реч и на слободниот уметнички израз, следува промоција на книга и изложба на уметнички дела.

Во наредните денови ќе следи детска програма во чии рамки ќе се одржи театарска претстава со дополнителна музичка програма, ќе ечат звуците на реномираниот џезер Тони Китановски, мелодичниот звук од електричните гитари на рокерите Темпера, македонската изворна музика со Андријана Јаневска како составен дел од МИТАН ПРОЕКТ, незаборавните евергрини со Харе и Гиш, како и настапот на хоровите „Кочо Рацин“ и „Борец“. Вистинска музичка сензација ќе бидат техно рокерите Аутмајнд.

Во духот на негување на традицијата, ќе се одржи фолклорна вечер со изведба на фестивалот на народни игри и ора на КУД „Мирче Ацев“.

Афирмираниот поп-музичар Џина Папас Џокси ќе настапи со авторска вечер, а рокерот Влатко Илиевски и оваа година ќе одржи самостоен концерт. Во втората половина на Карпошовото културно лето ќе се одржи изложба на фотографии, како најава за музичкиот концерт на „Силви бенд“.

Kон крајот на културното лето, на плоштадот „Делфина“ ќе  гостува  босанскиот великан на поп-музиката, Хари Мата Хари. Во рамки на овогодинешната културна манифестација ќе се одржи и диџеј маратонот, во чест на ДЈ Бабура.За луѓето кои трагаат по слободниот уметнички израз, оваа манифестација вистински ќе ги задоволи нивните артистички страсти.