Под мотото „ Здружени сили, за заеднички интереси“, денеска во просториите на урбаната заедница „ Кузман Јосифовски- Питу“ беше одржан првиот граѓански форум. Во организација на Женската граѓанска иницијатива „ Антико “ од Скопје, Центарот за граѓанска иницијатива од Прилеп, со поддршка на Општина Карпош, претставниците од граѓанските здруженија, претставници од урбаните заедници од територијата на локалната самоуправа, како и граѓани карпошани разговараа за локалните проблеми и приоритети на една општина, конкретно за Општината Карпош. Овој проект, кој започна во оваа скопска општина, а ќе се спроведе во уште пет општини од Република Македонија, има за цел најпрво да ги детектира проблемите со кои се соочуваат граѓаните во една локална заедница, потоа да изработи акциски план по кој ќе се третира нивното решавање, и на крај да спроведе имплементација на претходно утврдените решенија. Како што истакна претседателката на Организацијата на жени на Град Скопје-ОЖС, Томка Дилевска, оваа соработка меѓу граѓанските организации и локалните самоуправи е од исклучително значење, со што се подобрува таргетирањето на проблемите со кои се соочуваат граѓаните. – Имаме одлична соработка, конкретно со Општина Карпош, и верувам дека и во иднина ќе продолжиме во истиот дух.

Од секогаш сум се залагала за продлабочување на соработката меѓу нас како претставници на граѓанските организации и локалните власти, бидејќи најголем бенефит од оваа соработка имаат граѓаните, потенцираше Дилевска. Овој проект, ќе трае вкупно триесет месеци, и истиот се спроведува во шест општини ширум државата, со учество на граѓани од мешан етнички состав.