Започна приемот на деца во детските градинки во Општина Карпош: „Орце Николов“, „Мајски цвет“, „Распеана младост“ и „Пролет“.

На безбеден начин, почитувајќи ги заштитните мерки и протоколи беше реализиран приемот. Изминативе денови, Општина Карпош спроведе целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во 11 – те предучилишни установи.

Во текот на летниот период беа направени и повеќе реконструкции. Во голем дел од објектите се промени стариот под и се постави ПВЦ површина (линолеум), која е поотпорна на бактерии и полесна за одржување.

Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев утринава беше во посета на најстарата градинка во Македонија, „Орце Николов“, во Карпош 3.

  • Можам да кажам дека и локалната самоуправа, но и директорките, заедно со својот воспитно – административен кадар, ги преземавме сите мерки кои сме во можност да ги преземеме, за релативно кус временски период.

Општина Карпош ќе излезе во пресрет и ќе финансира вработување и на нови хигиеничари во објектите и воспитен кадар, секако, онаму каде што има потреба. Не можам да тврдам дека нема никаде да се појави проблем, затоа што вирусот Ковид – 19 уште е непредвидлив и со силен интензитет. Треба да бидеме свесни дека доаѓа и сезона на сезонски грип и потенцијално повисоко аерозагадување. Сепак, тврдам дека хигиената во објектите и подготвеноста на кадарот во Карпош е на едно високо ниво, рече Богоев.

Во сите градинки се спроведе и дезинфекција на душеците и теписите од страна на сертифицираната фирма Clean Max Macedonia.

Богоев информираше дека објектот на „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1 ќе започне да работи од 14 – ти септември, затоа што оваа градинка целосно се реконструира.

Локалната самоуправа на сите деца, родители, воспитно – административен кадар им посакува успешен почеток. Во претстојниот период да бидеме одговорни. Да не ги криеме информациите, да ги почитуваме мерките и протоколите, да покажеме повисока свест и  толеранција.