Општина Карпош засилено работи на реконструкција на придружен објект на градинката „Пролет“ во Влае 1. Станува збор за пералната која е важен дел од градинката, бидејќи во неа се чистат и перат постелнините за спиење на децата, односно е суштински и неопходен дел во одржувањето на секојдневната нега и создавање на хигиенски услови за престој на децата.

Паралелно се работи на реконструкција на кровната површина, а на внатрешно преуредување, дезинфекција и на целосно бојадисување на објектот, кој повеќе години не беше обновен.

Минатата година, локалната самоуправа целосно го промени и системот за греење во градинката „Пролет“. Нееколошкиот начин на греење со фосилно гориво (нафта) е заменет со термални пумпи (систем „воздух – вода“). Во минатото, објектот трошеше 14 тони нафта на годишно ниво и произведуваше 11 килограми ПМ 10 честички.

Со поставувањето на новиот систем значително се придонесе кон намалување на аерозагадувањето во урбаното јадро.

Општина Карпош продолжува со интензивното подобрување на условите во градинките. И во услови на пандемија, детските установи овозможуваат безбедно згрижување за најголемиот број на деца.