Во финалниот меч од меѓуопштинското натпреварување кој денеска се одигра во спортската сала на ООУ „Војдан Чернодрински“, училишниот тим од Општина Гази Баба ги совлада своите ривали од Општина Карпош со резултат 40:34. Натпреварот кој се одигра во ферплеј атмосфера, изобилуваше со бројни пресврти и динамични акции, во кој поорганизираната одбрана на гостите им го донесе победничкиот пехар.

Инаку, овој меѓуопштинскиот натпревар во кошарка се одржува за првпат по повод одбележување на 46. роденден на Општина Карпош, во чии рамки покрај домаќините учествуваа и основците од општините Кисела Вода, Аеродром и Гази Баба.

Во мечот за третото место, кошаркарите од Кисела Вода беа убедливи против своите соперници од Општина Аеродром, при што ги совладаа со резултат 51:36. За прво и второпласираните екипи, Општина Карпош обезбеди пехари и дипломи, кои на најуспешните кошаркари им ги врачија претставници од Одделението за култура и спорт при локалната самоуправа.