На Европското првенство во карате, кое се одржа викендов во Софија, Бугарија, репрезентативецот Петар Заборски го освои бронзениот медал.

 Во исклучително голема конкуренција, Заборски се избори за пласман на Европското првенство во највозрасната младинска категорија – постари јуниори до 21 година во категоријата до 75 килограми. Ова првенство беше рекордно по учество на земји учеснички на натпреварите, или вкупно 50 држави, што досега е најмасовен спортски настан на европско тло.

                        Во првата средба Заборски загуби од повеќекратниот европски и светски првак, Габор Хараспуки од Унгарија со резултат 0 :3, но бидејќи Унгарецот влезе во финалето, Петар доби шанса да се бори за бронзениот медал и во репасажот се покажа во вистинско светло и ги доби сите три борби. Втората борба беше со Словенецот, Ардит Рушити, кадешто Петар за време на целата борба беше подобар и успеа да го победи противникот со резултат 2:0. Во третиот репасаж Петар Заборски си ги одмери силите со неговиот противник од Србија, Ѓорѓе Салапура, кој е освојувач на европскиот медал од првенство во Португалија во 2014 година,  со резултат од 1:0.

 Во клучната борба за бронзен медал, која беше максимално исцрпувачка, репрезентативецот кој доаѓа од наслебата Влае од Општина Карпош, успеа да го совлада светскиот вицепрвак во карате од Светско првенство во Џакарта 2015 година, Серјожа Сергасјан од Ерменија, со резултат 2:0.

                        Петар Заборски, кој е член на карате клубот Макпетрол-Скопје, е јуниорски европски  вицешапмион од Европското првенство во Швајцарија, Цирих 2015 година.