Организацијата „ОХО“ која е поддржана од Швајцарската амбасада во Скопје, по втор пат и додели „Зелено знаме“ на ООУ „Јан Амос Коменски“. Со добивање на престижното еколошко признание, оваа образовна институција е единствениот претставник од Општина Карпош која  се стекна со епитетот „Еко училиште“.

Целта на еко-проектот е заштита на животната средина и нејзина интеграција во воспитно–образовниот процес и подигање на свеста на учениците, родителите, наставниците и техничкиот персонал, со кој се овозможува теоретското знаење да се примени во секојдневниот живот. Со оглед на тоа што „Зеленото знаме“ е највисока награда од проектот, јасно покажува  дека училиштето во изминатиот период  посветено работело во делот на еколошката едукација од типот на спроведување кампањи, акции и проекти во кои учествувале сите наставници, родители, ученици и претставници од работни организации.

Еко-училиштето има потпишано Меморандум за соработка со Општина Карпош со кој се регулираат меѓусебните односи, со цел подобрување на состојбата на животната средина во локалната заедница. Екологистите од „Коменски“ веќе неколку години по ред воспоставија позитивна практика, преземајќи низа активности преку одржување на едукативни презентации, чистење на училишниот објект и дворот, собирање на стара хартија и пластична ПЕТ амбалажа и можеби најважно од сé, развија цврста соработка со неколку невладини еколошки организации.

 

Еколошките ентузијасти изработија и Еко-кодекс со акцент на рециклирање, со чија практика се заштедува енергија и се редуцира загадувањето на животната средина. За своите активности  училишниот еко-одбор во континуитет одржуваше координирани состаноци, по кои редовно ја информираше пошироката заедница, јавноста и медиумите. Програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ се спроведува задолжително во сите основни и средни училишта и градинки и во сите приватни училишта и ученички домови, ширум државава.