Во градинката „Распеана Младост”, во присуство на родители, на работниот персонал во детските установи и вработените во Општина Карпош,  денеска се одржа конференција за евалуација на зборникот „Осигурување на квалитетот низ проектно партнерство на воспитно – образовни установи”.

Преку својот поздравен говор, директорот на оваа предшколска  установа Гоце Талевски, истакна дека му е особена чест што токму градинката со која тој раководи е домаќин на овој евалуаторски настан, на кој низ компаративно искуство, ќе се оцени успешноста на работата на детските установи, кои егзистираат на територијата на Општина Карпош. 
 
Директорките на  градинките „Пролет” и „Мајски Цвет”,  Вита Јаковлевска и  Снежана Радиќ – Подгорец, како и директорката на најстарата детска установа во Република Македонија, градинката ,, Орце Николов” Савка Ковачевска, ги презентираа внатрешните искуства од работењето и активностите во своите детски установи и  констатираа голема успешност, ефикасност и ефективност при реализацијата на програмите, преку кои се одвива едукативно- воспитниот процес во предучилишната возраст. Според директорите на градинките во Карпош, овој своевиден прирачник за работење е создаден низ долгогодишното позитивно искуство во работењето и може да послужи како упатство  кое ќе се применува  во   останатите градинки    на целата територија на Република Македонија. 
  
Директорките на детските установи во Карпош, изразија голема благодарност до наставно – стручните лица, проф. д-р Јелица и Атанас Николовски, за нивната континуирана заложба и придонес во надградувањето и  постојано усовршување во едукативно – педагошкиот процес во установите од предучилична возраст. По завршување на презентацијата на резултатите, учеснциите и гостите отворија дискусија на која дебатираа за актуелните состојби во градинките, и изнесуваа предлози за константно напредување на  едукацијата на дечињата од најрана предучилишна возраст.