ВРВНИ РЕЗУЛТАТИ ВО ГРАДИНКИТЕ ВО КАРПОШ
- март 1, 2017
- 0
Во градинката „Распеана Младост”, во присуство на родители, на работниот персонал во детските установи и вработените во Општина Карпош, денеска се одржа конференција за евалуација на зборникот „Осигурување на квалитетот низ проектно партнерство на воспитно – образовни установи”.
Преку својот поздравен говор, директорот на оваа предшколска установа Гоце Талевски, истакна дека му е особена чест што токму градинката со која тој раководи е домаќин на овој евалуаторски настан, на кој низ компаративно искуство, ќе се оцени успешноста на работата на детските установи, кои егзистираат на територијата на Општина Карпош.
Директорките на градинките „Пролет” и „Мајски Цвет”, Вита Јаковлевска и Снежана Радиќ – Подгорец, како и директорката на најстарата детска установа во Република Македонија, градинката ,, Орце Николов” Савка Ковачевска, ги презентираа внатрешните искуства од работењето и активностите во своите детски установи и констатираа голема успешност, ефикасност и ефективност при реализацијата на програмите, преку кои се одвива едукативно- воспитниот процес во предучилишната возраст. Според директорите на градинките во Карпош, овој своевиден прирачник за работење е создаден низ долгогодишното позитивно искуство во работењето и може да послужи како упатство кое ќе се применува во останатите градинки на целата територија на Република Македонија.
Директорките на детските установи во Карпош, изразија голема благодарност до наставно – стручните лица, проф. д-р Јелица и Атанас Николовски, за нивната континуирана заложба и придонес во надградувањето и постојано усовршување во едукативно – педагошкиот процес во установите од предучилична возраст. По завршување на презентацијата на резултатите, учеснциите и гостите отворија дискусија на која дебатираа за актуелните состојби во градинките, и изнесуваа предлози за константно напредување на едукацијата на дечињата од најрана предучилишна возраст.