Општина Карпош e  одговорна  локална самоуправа за се,па  и кога станува збор за изградба на верски објекти. Само Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, и нејзиниот градоначалник Андреј Петров, можеа да најават изградба на црква на туѓо земјиште во населбата Влае- изјави во својот демант до конференцијата за печат на СДСМ, градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски.

 

Понатаму, првиот човек на локалната самоуправа го објасни процесот на изградба на верски објекти, односно нагласи дека прво се впишува верскиот објект во деталниот урбанистички план, за потоа ктиторот  ( инвеститорот) да започне со изградба. После поставувањето на камен темелникот на црквата „Христос Спасителот“ се појавија извесни проблеми во имотно- правните односи помеѓу Рафет Муминовиќ и Македонската православна црква (МПЦ), но сега истите се расчистени, и објектот ќе продолжи да се гради.

 

–          Ктитор ( главен финансиер) на оваа црква е господинот Зоран Антиќ, заедно со неговото семејство. Се разбира дека има и други финансиери, исто така и локалната самоуправа ќе учествува со финансиска помош, но како што нагласив , главен ктитор е Зоран Антиќ, категоричен беше Јакимовски.

 

Општинскиот татко Стевчо Јакимовски, напомена дека предвидените цркви кои треба да се градат во населбите Влае и Козле, ќе се изградат, односно земјиштето на  предвидените локации, не é предмет на имотно-правни спорови, и само неверници како нив, можат да наоѓаат коруптивни зделки во изградба на верски храм.

 

-Се она што локалната самоуправа го ветила пред своите граѓани Карпошани, тоа и ќе го реализира , дециден беше Јакимовски.