Интензивно се работи на уредување на јавниот простор на влезот од трговскиот центар „Лептокарија“, во населбата Карпош 3. Веќе се засадени дел од украсните растенија, а поставени се и нови клупи за седење и подлога.

 

За подобро одржување на новозасаденото зеленило, ќе се постави и систем за наводнување, како и реквизити за рекреација на најмладите.

 

Уредувањето на овој дел од Карпош е донација од „Халкбанк“ АД Скопје, во рамки на проектот „HalcEco“,  чија основна цел е заштита и унапредување на животната средина.

 

Локалната самоуправа континуирано работи на одржување на постоечкото и зголемување на новото зеленило. Неделава, комуналните служби ги кастреа сувите и надвиснати гранки во повеќе населби низ Карпош. Исто така, продолжи и двосменската работа за наводнување на новозасадените дрвја и тревни површини, на локациите каде што не се поставени автоматски системи.

 

Овие зелени површини, мини скверови и паркчиња, треба да обезбедат подобар маалски живот и меѓугенерациска дружба на карпошани, бидејќи тоа се места каде што луѓето се социјализираат и рекреираат.

 

Ги повикуваме сите граѓани при посетата на овие зони да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид – 19: да носат заштитни маски, да одржуваат дистанца и да вршат редовна дезинфекција.